Мегаѕвездата на Пари Сен-Жермен, Килијан Мбапе на шега вели дека не може на мир да си купи парче сирење без околу него да се соберат луѓе, но додава дека животот на суперѕвезда не му пречи.

21-годишниот Мбапе имаше неверојатен раст во кариерата, откако влезе во првиот тим на Монако пред само четири години, за со трансферот во ПСЖ да стане вториот најскап фудбалер на светот, а според талентот еден од најголемите кои било кога играле со топката. По освојувањето на титулата со Франција во 2018, тој признава дека животот му е сменет.

„Кога ќе излезам надвор, веднаш се формира редица. Дури не можам да одам во супермаркет сам. Ќе заборавам сирење, па ќе отидам во ’Керфур’ да си купам, и тие ќе мораат да го затворат маркетот само да можам да земам. Не можам веќе да бидам сам“, изјави Мбапе во гостувањето на француската телевизија.

Тој даде уште еден пример на неговиот живот.

„Седиш дома и кога ти е досадно, вообичаено е да излезеш на прошетка. Да земеш сладолед. И тогаш мирот завршува. Веднаш има 500 луѓе околу мене. Но, тоа е животот што го сакав и ја прифаќам ситуацијата. Не е лесно секој ден, но го сакав тоа“, вели Мбапе, кој има постигнато 13 гола оваа сезона со што е втор стрелец во Лига 1 зад напаѓачот на Монако, Висам Бен Једер.