Top Sport

(Видео) Фелипе Маса бара отштета за „заговорот“ да остане без светската титула во 2008!

Адвокатите на поранешниот возач на Ферари, Фелипе Маса, почнаа со правната постапка против шефовите на Ф1 и Светската автомобилистичка федерација (ФИА), барајќи „значителна отштета“ поради „заговорот“ да ја загуби светската титула од 2008 година.

42-годишниот Маса смета дека бил „ограбен“ за титулата со постапки на врвните луѓе на спортот, со што загубил милиони долари во заработувачка и бонуси. Од ФИА и Ф1 засега нема коментар.

„Да се објасни ситуацијата поедноставно – г-динот Маса е правичниот шмпион од 2008, а ФИА и Ф1 намерно ги игнорираа мамењата поради кои остана без титула. Г-динот Маса не може целосно да ги опише своите загуби, но се работи за проценка од над 10 мииони евра“, се вели во писмото пратено до ФИА и Ф1, на кое очекуваат одговор во следните 14 дена.

Маса водеше на Сингапур ГП трката во 2008 година, кога неговиот бразилски сонародник, Нелсон Пике Јуниор се судри со своето Рено во 14. круг. По ова излезе безбедносното возило, по кое колегата на Пике, Фернандо Алонсо победи, а Маса не ја заврши трката по бизарен инцидент во боксот. Губењето на овие поени придонесе Луис Хамилтон, тогаш во Мекларен да го победи на последнатат трка.

Пике во 2009 година откри дека шефовите на Рено, предводени од Флавио Бријаторе му наредиле да се судри за да му помогне на Алонсо, за што тој и Бријаторе добија суспензии. Маса тврди дека тогашните шефови, Берни Еклстоун и покојниот претседател на ФИ, Макс Мозли, знаеле за ова, но не го казниле Пике и Рено.

„Сакам правда и да се дознае што се случувало. Шефовите на Ф1 и ФИА го знаеја тоа и во 2008 и не направија ништо. Дали тоа е фер?“, изјави Маса во мај оваа година.

Маса не беше блиску до титулата по таа 2008, откако на Унгарското ГП во 2009 доби страшна повреда на главата, но потоа се врати на спортот. Тој се повлече од Ф1 во 2017.

Scroll to Top