Поранешниот дологогодишен менаџер на Михаел Шумахер, Вили Вебер вели дека веќе нема надеж дека седумкратниот Ф1 шампион ќе се опорави од неговата несреќа, односно од повредата на мозокот добиена на скијање во декември 2013 година.
Вебер, кој 20 години беше менаџер на Германецот и на неговиот помлад брат Ралф, беше еден од најблиските луѓе на семејството Шумахер, меѓутоа во годините пред несреќата на Шуми дојде до разделба. Сега, тој вели дека и покрај тишината на семејството, нема надеж за опоравување.
„По долг период на тагување, ставив крај, го затворив тој дел од мојот живот. Инаку, ќе полудев. Поминавме 20 години заедно, низ добро и низ лошо, но веќе судбината не е во нашите раце“, вели Вебер во интервју за магазинот „Бунте“.
Тој исто така зборуваше за шпекулациите дека семејството Шумахер сака да го пресели Михаел во Мајорка, и вели дека тој никогаш не сакал да биде така.
„На Михаел никогаш не му се допаѓаше на Мајорка, бидејќи таму не се чувствуваше најдобро. Тоа не беше неговиот остров од соништата, иако понекогаш велеше така. Изненаден сум што се обидоа да го направат тоа“, додава Вебер.