Вилијамс како тим е „мртов“, вели нивниот последен светски шампион, Канаѓанецот Жак Вилнев, критикувајќи го англискиот тим за пристапот кон тркањето и кон бизнисот.
Во Вилијамс се надеваа дека со „револуционерен“ пристап кон дизајнот на новиот болид ќе направат скок во перформансите, но наместо тоа имаат освоено само четири поени во 10 трки досега, откако Ленс Строл беше осми на Азербејџанското ГП, каде што лани беше на подиумот.
Вториот возач на Вилијамс, Сергеј Сироткин е единствениот возач кој нема освоено ниту еден поен оваа сезона. Вилијамс, покрај тоа, беа обвинети дека ангажираат само возачи кои носат пари во тимот.
„Нема пат напред. Тимот е мртов. Не гледам ништо што е ветувачко. Нема менаџмент во тимот“, вели Вилнев.
Според него, главната грешка била кога Сер Френк Вилијамс го предаде тимот на својата ќерка Клер, наместо на нејзиниот брат Џонатан.
„Имаше избор на Сер Френк – еден наследник или друг наследник и тие ја избраа Клер, наместо Џонатан. Голема грешка. Во секој тим е така – рибата смрди од главата. Мислам дека се слепи за тоа каде е тимот и што значи тој за сите фанови“, додава Вилнев.