Top Sport

Вилијамс ги продадоа акциите во сопствената инженерска компанија

„Вилијамс ГП холдингс“, компанијата која го предводи еднаш славниот Формула 1 тим ги продадоа своите акции во сопствената сестринска компанија за напреднат инженеринг на приватна компанија.

Продажбата треба да биде финализирана за неколку недели, по што главен сопственик на компанијата ќе биде британска компанија „ЕМК капитал“. Одделот за напреднат инженеринг на Вилијамс е формиран во 2011 година и работи на проекти кои немаат врска со Формула 1, со ангажмани во авионската индустрија, здравство и воени проекти. Во 2018 тие работеа со брендови како Астон Мартин, Јагуар, Лотус и Нисан, обезбедуваа батерии за Формула Е шампионатот, и го градеа рекордниот електричен брод за Јагуар.

Во 2018 година според даночните податоци, тие имаа загуба од 560.000 фунти, но дел од профитот отиде кај Вилијамс Ф1 тимот и без овие трошоци тие ќе направеле заработувачка од 4.5 милиони фунти.

Останува да се види како оваа промена на сопственоста на една од компаниите кои ги формираше основачот Сер Френк Вилијамс ќе влијае на Формула 1 тимот, кој во последните неколку сезони постигнува очајни резултати, кои беа најдрастични оваа сезона во која тимот заврши како последнопласиран.

Scroll to Top