Околу проблемите на еднаш славниот тим на Вилијамс многу се пишуваше последните две години, но сега од Русија доаѓа шпекулација дека милијардерот Дмитриј Мазепин сака да го откупи тимот и да осигура неговиот син Никита во блиска иднина да има сигурно место во Ф1.
Слично како што канадскиот милијардер Лоренс Строл го купи тимот на Форс Индија (сега Рејсинг поинт) за неговиот син Ленс да има место во Ф1, Мазепин неодамна организираше низа приватни тестови за 19-годишниот Никита Мазепин со две години стар болид на Мерцедес. Според руската новинска агенција „Тасс“, Мазепин, кој е главен акционер на компанијата „Уралкали“, веќе преговара со Сер Френк Вилијамс за преземање на тимот.
Вилијамс останува еден од последните „гаражни“ Ф1 тимови кои во 1980-тите и 1990-тите ја сочинуваа Ф1. Тајрел стана БАР, Хонда, Браун, па на крајот Мерцедес, додека Стјуарт ГП се преименува во Јагуар, па во Ред бул, Минарди стана Торо росо, Бенетон стана Рено, а Џордан по неколку трансформации сега е познат како Рејсинг поинт.