Top Sport

Вилнев: Хамилтон мисли дека е Исус!

Што и да се случи во Ф1, едно е јасно – Жак Вилнев ќе има свој (контроверзен) поглед на работите.

Светскиот шампион од 1997 година сега вели дека Луис Хамилтон не треба да биде изненаден кога го свиркаат, бидејќи самиот страда од „комплекс на Исус“. Хамилтон покрај тоа што е исвиркуван на повеќе подиуми (посебно во Италија), минатиот викенд доби свирежи на парадата на возачи во Хокенхајм.

„Луис не треба да е изненаден, бидејќи ги меша Ф1 и Холивуд. Сѐ што прави тој е исценирано. На социјалните медиуми се претставува како Исус. Начинот на кој клекна до својот болид по проблемот на квалификациите изгледаше како страдањето на Христос. Потоа, даде изјава како проповедот на гората. На крајот, тој гестикулира драматично на подиумот, како тој да го донел дождот“, изјави Вилнев за „Ауто билд“.

Хамилтон по трката во Хокенхајм влезе во напад на коментаторите на „Скај“, поранешните возачи кои немале „еден добар збор“ за него, пред да го избрише постот на Инстаграм. Неговиот шеф, Тото Волф вели дека нема проблем со однесувањето на својот возач.

„Јас искрено го охрабрувам да пишува работи онлајн и да го кажува своето мислење. Тоа ни е потребно во Ф1. Приказни. Контроверзи. Мораме да имаме ставови кои се поларизирачки“, вели Волф.

Хамилтон: „Експертите“ како Розберг не можат да најдат добар збор за мене

Scroll to Top