Поранешниот возач на Вилијамс, Жак Вилнев повторно влезе во напад на тимот со кој стана светски шампион, откако Вилијамс оваа година се убедливо најслаби во Ф1. Тимот прво пропушти голем дел од пред-сезоната, оставајќи ги Џорџ Расел и Роберт Кубица со големо заостанување зад своите ривали.
Канаѓанецот Вилнев е последниот светски шампион на Вилијамс, победувајќи го Михаел Шумахер за титулата во 1997 година, но вели дека тоа веќе не е „тркачки тим“, најмногу поради излегувањето на берзата.
„Лидерите на тимот ја плаќаат цената на лошите одлуки од последните години. Сега тоа е компанија која мора да дава извештај на крајот на годината и најважно е да се направи профит, на било кој начин. Затоа, тие се океј. Но, ако компанијата заработи 16 милиони долари во 2018, тоа е така само бидејќи не потрошија доволно на тркачкиот тим. Претседателот не сака да се победува, туку да се задоволат акционерите. Тоа им е најважното сега“, вели Вилнев во интервју за „Журнал де Монтреал“.
Предложениот ограничен буџет на сопствениците „Либерти медија“ нема да ги смени работите, смета Вилнев.
„Ако барате ограничен буџет, на да кажеме 100 милиони долари, што ќе се случи? Мерцедес, сигурно ќе ги потрошат тие пари, но тим од средината, како Хас, Алфа Ромео и другите ќе потрошат една петтина од таа сума за да останат петти или шести. Тоа нема да помогне на Ф1 и е чисто срање“, додава Вилнев.