Поранешниот светски шампион во Формула 1, Жак Вилнев е човек познат по своите контроверзни ставови за модерната Ф1, а сега на мета се најде неговиот поранешен тим со кој ја освои титулата од 1997 година, еднаш големиот Вилијамс.
Тимот формиран од Сер Френк Вилијамс и Патрик Хед беше репер за успех и за техничка совршеност во 1980-тите и 1990-тите години, но титулата на Вилнев останува последна освоена за тимот, кој оваа сезона неславно е на последното место во шампионатот.
Тимот, сега под водство на ќерката на Френк, Клер Вилијамс, на Руското ГП во Сочи на пример му нареди на Роберт Кубица да го повлече болидот во бокс иако немаше проблеми, за да се заштеди на резервни делови.
„Навистина ме растажува начинот на кој се води тимот во последните години. Но, поради мотивите за тој менаџмент, воопшто не е чудно што се на дното. Нема чудење. Тим со такво име, со таква славна иднина се води како аматерски тим. Затоа, сосема го заслужуваат последното место“, вели Вилнев.