Top Sport

Вињалес побрз од Маркез, Хонда тестираше свое „крилце“

Возачот на Јамаха, Маверик Вињалес постави најдобро време на вториот тренинг пред ГП на Америките во Остин, Тексас, победувајќи го светскиот шампион Марк Маркез, кој пак, возеше модифицирана верзија на својата Хонда со „крилце“ како на Дукати.

Хонда доби одобрување од техничкиот директор на Мото ГП, Дени Олдриџ да ја користи својата верзија на контроверзниот „додаток“ кој дебитираше на мотоциклот на Дукати во Катар, каде што ривалите се жалеа на победата на Андреа Довициозо. Со „крилцето“, Маркез во финишот заостана 0.044 секунди зад Вињалес.

Валентино Роси во втората Јамаха заврши како трет со една десетинка послабо време од Маркез, додека Џек Милер во Прамак Дукати беше четврти пред Кал Крачлоу (ЛЦР Хонда), Алекс Ринс (Сузуки) и Пол Еспархаро (КТМ). Трите последни места во втората квалификациска сесија обезбедија Франко Морбидели и Фабио Квартараро во Петронас Јамаха и дебитантот Франческо Бањаја во Прамак Дукати.

Возачот на фабричкиот Дукати, Довициозо не успеа да обезбеди место во топ 10, завршувајќи речиси една десетинка зад Бањаја и ќе мора да вози и во првите квалификации утре. Неговиот колега Данило Петручи беше 13., додека Хорхе Лоренцо во втората Хонда беше на 16. место.

Scroll to Top