Трката за Големата награда на Австралија со која треба да биде отворен шампионатот во Формула 1 можно е да не се одржи откако два члена на Хас и еден на Мекларен завршиле во карантин во Мелбурн.
Информациите од Австралија говорат дека од претпазливост тие биле ставени во карантин, а доколку анализите покажат дека се заразени со корнавирусот тогаш трката може да биде откажана или одложена.
„Двајца членови на нашиот тим утрово имаа симптоми на вирусот, ние го почитувавме протоколот, веднаш ги тестиравме. Тие во моментов се во карантин и ќе бидат таму се додека не ги добиеме резултатите“, потврдиле од тимот на Хас за агенцијата „Ројтерс“.
Дека еден човек од нивниот тим покажува симптоми на корнавирусот потврдиле и од Мекларен.
„наскоро ќе ги добиеме резултатите, тогаш ќе знаеме каква е ситуацијата. Додека не ги добиеме резултатите ќе продолжиме да работиме според нашиот утврден распоред“, порачале од Мекларен.
Пред неколку дена организаторите на трката во Мелбурн објавија дека нема да ги затворат трибините за Големата награда на Австралија и дека направиле сѐ што е во нивна моќ за да им овозможат на Ферари да пристигнат во државата.