Top Sport

„Вистински момент да го напуштам системот на Ред Бул“

Пјер Гасли, возачот на Алфа Таури, од следната сезона ќе биде во болидот на тимот Алпин во шампионатот во Формула 1. Французинот ќе му се придружи на сонародникот Естебан Окон. Гасли е убеден дека донел добра одлука.

„Луѓе од Алпин сакаа да дојдам. Тоа се виде и по начинот на кој пристапија кон преговорите. Не беше лесно, но мило ми е што се најде најдоброто решение за мене“, изјави Гасли.

Французинот го напушти системот на Ред Бул по девет години. Тој го имаше своето деби во Формула 1 со сестринскиот тим Торо Росо каде ги импресионираше сите во Ред Бул.

Потоа доби можност да вози заедно со Макс Ферстапен во Ред Бул во 2019 година, но беше јасно дека не може да се справи со притисокот. По само половина сезона Ред Бул го врати назад во во сестринскиот тим, кој во меѓувреме го смени името во Алфа Таури.

Тој го шокираше светот со победата во Монца во 2020 година и таа останува запишана како негов најголем успех во кариерата досега.

„Мислам дека беше вистинско време да го напуштам Ред Бул. Направив многу добри работи, но сакав нов предизвик. Затворив едно и отворив друго, се надевам многу поуспешно поглавје во мојата кариера“, истакна Гасли.

Scroll to Top