Шефот на тимот на Ферари, Маурицио Аривабене побара неговиот тим да остане „цврсто на земја“ и да не се загуби фокусот по историската победа на Канадското ГП.
Себастијан Фетел доминираше од стартот до финишот за своја 50. победа во кариерата, за да се врати на првото место во генерален пласман пред ривалот од Мерцедес, Луис Хамилтон.
Ова е прва победа на Ферари во Канада од 2004 година, а Фетел стигна до пол-позицијата како прв возач на Ферари по 17 години, и тоа на 40-годишнината од првата победа на „коњчето“ во Монтреал со Жил Вилнев.
Нормално, тифозите веднаш почнаа да сонуваат за крај на низата од 11 години без титула, но Аривабене вели дека прво треба да се скокне, а потоа да се каже „оп“.
„Тимот беше апсолутно доминантен со Себастијан бидејќи работевме напорно од петокот до неделата. Секако, Себастијан е неверојатен возач, кој самиот кажа дека работата е најважна во овој момент. Оваа година имаме голема битка со Мерцедес и Ред бул, која е релативно израмнета. Затоа не очекува интересен шампионат и мораме да останеме со двете нозе цврсто на земјата и да работиме, а не да мислиме на титули. Титулите се освојуваат на крајот на сезоната“, вели Аривабене за „Скај спортс“.
Фото: ЕПА