Шефот на Ферари, Маурицио Аривабене вели дека „средување“ на малите детали ќе биде доволно славниот италијански тим да ја освои титулата откако платија „скапа цена“ за 2017 година.
Откако беа вистински ривали на Мерцедес во поголемиот дел од сезоната, обидот на Ферари се „распадна“ по судирот на Себастијан Фетел во Сингапур, по што следуваа проблемите со моторите во Малезија и Јапонија. Претседателот на Ферари, Серџо Маркионе неодамна изјави дека тимот платил за „игнорирање на контролата на квалитетот“ и шпекулациите веле дека тоа значат промени во тимот. Аривабене вели дека големи промени не се потребни.
„Понекогаш некои работи треба да се подесат, не секогаш е потребна револуција. Во овој спорт се плаќа скапа цена за деталите и мораме да бидеме фокусирани на работата. Ние не сме тим кој лесно се откажува, не само за следната година, туку и за последните три трки“, вели Аривабене.
Не е се негативно за Ферари во 2017 – Фетел победи на четири трки, најдобар резултат на тимот од 2010 година.
„Гледаме и на позитивните работи. Имаме млад тим кој работи одлично на болидот, тука на патеките и во Маранело. Момците се обединети и фокусирани на работата. Матија Биното го води техничкиот оддел совршено. Тој го знае начинот на работа во Ферари и заедно имаме единствен фокус кон иднината“, завршува Аривабене.