Тимот на Форс Индија официјално демантираше дека има понуди за откупување на Формула 1 тимот откако британските медиуми објавија дека тимот од Силверстоун е блиску до договор со „Рич енерџи“, компанијата за производство на енергетски пијалоци (и нормално ривали на Ред бул).
Форс Индија, кои се во сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Виџај Малја, демантираат дека постојат понуди и посочуваат дека се фокусирани на презентацијата на новиот болид во понеделник, кога стартува и зимското тестирање.
„По медиумските шпекулации дека Форс Индија е на продажба, сакаме да разјасниме дека нема понуда од инвеститори, ниту некаква понуда се разгледува. Работиме на стартот на тестирањето“, се вели во соопштението на тимот.
Малја неодамна изјави дека е можно тимот да го смени името, односно да ја исфрли Индија од името за да привлече спонзори.