Американскиот Ф1 тим, Хас, во средата потврди дека Мик Шумахер, синот на легендарниот седумкратен шампион Михаел Шумахер, ќе дебитира во Ф1 во 2021 година, но сега шефот на тимот Гинтер Штајнер потврди дека ова била одлука на „матичниот“ тим на Германецот, Ферари.
Хас ќе има целосно нов тим во 2021, откако Роман Грожан и Кевин Магнусен ги загубија местата од Шумахер и од Русинот Никита Мазепин, благодарение на големите спонзори. Хас има договор за техничка соработка со Ферари, вклучувајќи ги и моторите, така што има и „обврска“ да работи со возачите од нивната академија.
„Да се има Шумахер во нашиот тим ќе биде огромна чест и веднаш предизвика внимание низ целиот свет. Мораме да се справиме со тоа, бидејќи може да се сврти против нас. Сакаме да му дадеме шанса на Мик да работи кон блескава иднина. Јас сакав да добиеме Формула 2 возач, не едно ниво подолу поради искуството. За имињата не зборувавме, така што Ферари одлучи Мик да биде промовиран од јуниорите. Секако, ние немавме проблем со тоа“, вели Штајнер.