Top Sport

Во спорт во кој се бројат стотинките, Мерцедес им ја украде предноста во боксот на Ред бул

Советникот на Ред бул, Хелмут Марко ги обвини Мерцедес дека успеале да им ја „украдат“ предоста која Ред бул ја има со влегувањето во боксот оваа сезона.

Ред бул постојано се фалат со својот „најбрз тим во боксот“, откако имаа пет најбрзи влегувања во боксот во седумте трки оваа сезона. Најбрзото влегување во боксот им беше 1.93 секунди, а исто така се сопственици на светскиот рекорд од 1.82 секунди за промена на четирите гуми на Макс Ферстапен на Бразилското ГП во 2019 година.

Меѓутоа, ФИА, по барање на Мерцедес, воведе нова техничка директива со која треба да се успорат менувањата на боксот, посебно на тие под 2 секунди. Тимовите сега ќе мораат да ја почитуваат границата од минимум 0.15 секунди реакција меѓу поставувањето на гумите до „пуштањето“ на болидот, а потоа ќе следат и дополнителни 0.2 секунди од дозволувањето болидот да тргне. Иако се работи за делови од секундата, Марко вели дека Мерцедес се виновни за ова.

„Мерцедес бараа таква предност бидејќи сакаа да ни ја украдат предноста која ја имавме во пит стопот. Сега ќе губиме до 4 десетинки од секундата. Седум години напорна работа и тренинг отидоа одеднаш“, вели Марко.

Шефот на Мерцедес, Тото Волф призна дека неговиот тим барал промена на правилата, но поради безбедносни причини.

„Ние побаравме од ФИА безбедносен механизам кој е поврзан со системот кој го користиме за да знаеме како да го оптимизираме. Тоа го направивме пред три-четири недели и се работи чисто за технолошко прашање. Дали ќе има и друго влијание? Не знам, но нашето прашање беше такво“, вели Волф.

Scroll to Top