Шефот на Мерцедес Ф1, Тото Волф вели дека перформансите кои ги покажа неговиот тим на квалификациите за Саудиското ГП се „апсолутно неприфатливи“, откако беа далеку зад водечките Ферари и Ред бул.
Седумкратниот Ф1 шампион Луис Хамилтон првпат по пет години беше елиминиран во првата квалификациска сесија и ќе стартува на 15. Место, откако Мик Шумахер нема да вози во Саудиска Арабија по страшниот судир. Неговиот колега, Џорџ Расел беше малку подобар, но загуби од Естебан Окон во Алпине и ќе стартува како шести.
Ова е вистински шок за „сребрената стрела“, која доминираше речиси цела деценија пред промените на техничките правила за оваа сезона.
„Секогаш сум сакал конкуренција, а имавме добра серија од осум години како лидери, но овојпат изгледа како во 2013 година, кога немавме доволно брзина во споредба со Ред бул и најверојатно Ферари. Ќе продолжиме да работиме и да се бориме, но ова се апсолутно неприфатливи перформанси. Некогаш не сме ниту трет најсилен тим и не е опција да останеме во ваква позиција“, изјави Волф во интервју за „Моторспорт вик“.