Луис Хамилтон не планира да ја напушти Формула 1 на крајот од оваа сезона, кога ќе му истече договорот со Мерцедес. Британецот ќе остане во Мерцедес, тврди и тимскиот шеф Тото Волф и покрај тоа што засега во мирување се ставени преговорите околу новиот договор на Хамилтон.
Првата трка во сезоната, Големата награда на Бахреин, покажа дека новиот болид на Мерцедес „W14“, заостанува зад конкурентите.
Поради ова медиумите започнаа да шпекулираат дека Хамилтон би можел да се повлече на крајот од сезоната.
„Мислам дека нема смисла да се зборува за тоа кој ќе вози за нас во 2024 година“, изјави шефот на Мерцедес, Тото Волф.
„Сите ние, пилоти, инженери и шефови, мораме да работиме во една насока. Не можеме да си дозволиме да се откажеме, тоа никогаш досега не се случило, а нема да се случи ниту овој пат. Што се однесува до Луис, слуѓнавте каква радио порака испрати. Тој го обединува целиот тим и не верувам дека неговиот став или амбициите ќе се сменат поради нашиот лош почеток на сезоната. Заедно со Луис освоивме осум светски титули за конструктори, тој шест пати стана шампион. Нашиот однос не се менува“.
Волф повторно објасни дека Мерцедес немаат намера да се откажат и ќе се борат до крај за да се вратат на врвот.
Наредната трка во Ф1 ќе се вози за две недели во Џеда.