Мерцедес оваа година по петти пат ја освоија двојната титула (кај возачите и кај конструкторите) во Формула 1 и шефот на тимот, Тото Волф вели дека Михаел Шумахер останува „татко“ на овој успех и дека секогаш е во мислите на сите вработени во „сребрената стрела“.
Шумахер се врати од пензија во 2010 година за да помине три сезони во Мерцедес, во моментите кога тимот уште го градеше составот и не се бореше за победи.
„Михаел секогаш е присутен во мојот приватен живот, но и во Мерцедес. За мене тој останува најисклучителниот возач на сите времиња и неверојатен лик. Сите во Мерцедес жалиме за него и ни недостасува како консултант и ментор. Михаел е основач на успехот на овој тим бидејќи помогна да се постави оваа структура од 2010 до 2012 година“, вели Волф во интервју за „Билд“.
Шумахер ќе наполни 50 години на 3 јануари, но не е виден во јавноста од неговата трагична несреќа на скијање во декември 2013 година. Неговата состојба е врвна тајна за неговото семејство, иако неодамна се тврдеше дека тој веќе не е неподвижен.
Неговиот 19-годишен син, Мик следната сезона ќе вози во Формула 2 за Према рејсинг откако ја освои титулата во Европскиот Ф3 шампионат со осум победи.
„Тој ја освои титулата со мотор на Мерцедес, но засега ние ќе му оставиме простор да се развива. Во нашиот јуниорски програм има малку простор и главен приоритет ни е да му најдеме место на Естебан Окон во 2020 година“, одговори искрено Волф.