„Скај спорт“ подготви документарен филм, во кој се прикажани случувањата на последната трка од минатата сезона. Трката во Абу Даби, заврши со победа на Макс Ферстапен. Тој во последниот круг го мина Луис Хамилтон и ја освои титулата.
Трката во Абу Даби се уште се прераскажува, поради контроверзните одлуки на директорот на трката, Мајкл Маси.
Тото Волф, првиот човек на Мерцедес, признава дека не може да го преболи она што им било направено нему и на неговиот тим.
„Пресуди притисокот што го изврши Ред Бул во последниот круг. Џонатан Вили, спортскиот директор на Ред Бул, бараше од маси да се тргне безбедносното возило. Се се случуваше брзо и Маси му подлегна на притисокот. Не беше прв пат да има таков притисок“, рекол Волф.
Шефот на Мерцедес, признал дека нема желба да се види со Маси, кој пред неколку недели беше сменет од функцијата.
„Не разговарав со Маси и никогаш нема да разговарам со него. Тоа е јасно. Неговите одлуки беа погрешни, сигурен сум дека му е жал што постапи така. Жал ми е што луѓето од ФИА порано не забележаа каде лежи проблемот. На овој начин ние бевме негови жртви“, рекол Волф и потоа проговорил и за Ферстапен.
„Макс е светски првак, на некој начин го заслужи тоа. Не ги оспорувам неговите квалитети, укажувам само на катастрофалните грешки во последната трка кои директно влијаеа врз конечниот резултат“.