Top Sport

Волф: Никогаш не би работел со Ферстапен, Хорнер и Марко

Шефот на Мерцедес Ф1, Тото Волф уште не им простил на своите ривали од Ред бул по поразот во минатогодишната трка за титулата, велејќи дека „повеќе би сакал да работи сам“ отколку да работи со шампионот Макс Ферстапен, шефот на тимот Кристијан Хорнер и советникот на Ред бул, Хелмут Марко.

На прашање на германскиот „Билд“ со кого повеќе би сакал да работи во иднина, Волф не ги штедеше ривалите.

„Кого повеќе би сакале да го имате од Ред бул во вашиот тим – Ферстапен како возач, Кристијан Хорнер како шеф на тим или Хелмут Марко како шеф на моторспорт?“, беше прашањето на „Билд“.

„Повеќе би преферирал да работам сам“, одговори Волф.

Волф и Хорнер имаа огромен број на „закачки“ во текот на минатата сезона, а во јуни, Австриецот го нарече Хорнер: „никаквец кој сака да биде на камера“.  Хорнер пак, како дел од серијата на „Нетфликс“ јасно го кажа своето мислење за Волф: „Морате да се потсетите дека Тото наследил нешто што веќе функционира. Не мора да гради ништо. Затоа работи на сосема различен начин од нас“.

Scroll to Top