Top Sport

Волф: Потегот на Ред Бул е патетичен и мизерен

Шефот на Мерцедес, Тото Волф, изјави дека потегот на Ред Бул да поднесе приговор по победата на Џорџ Расел во Канада е „жалосен и мизерен“.

По трката во Монтреал, Ред Бул поднесе жалба во која се наведува дека Расел „возел непредвидливо и невнимателно“, и дека „ направил неспортски потег во време кога на патеката имало безбедносно возило“. И двата приговори беа отфрлени.

Пред официјалната премиера на филмот Формула 1, Тото Волф разговараше со новинарите на оваа тема. И не ги поштеди своите ривали, кои веќе двапати поднесоа жалби против возачот на Мерцедес оваа сезона. Во Мајами, тврдеа дека тој не забавил откако безбедносното возило излезе на патеката.

„Најпрвин, на Ред Бул му беа потребни два часа за да поднесе жалба. Искрено, тоа е толку жалосно и мизерно. Го направија тоа во Мајами. Сега поднесоа два жалби, а една повлекоа бидејќи беше смешна. Доаѓаат со некои чудни клаузули, барем ги нарекуваат клаузули. Мислам дека ФИА и не мора да ги разгледа затоа што е нереално“, рече Волф.

„Се тркаш, победуваш или губиш на патеката. Беше фер победа, како многу пати претходно. Ова е срамно“, додаде тој.

„Тие сами повлекоа една жалба, дури и не следеа што се случува затоа што знаеја дека нема смисла. Ни требаа пет часа за другата. Дури и не знам што мислеле под неспортско однесување. За што се работи? Кој одлучува за тоа? Затоа сум сто проценти сигурен дека не е идеја на Макс, тој е возач, тркач. Тој никогаш не би се пожалил за толку тривијална работа.“

Шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, зборуваше за истото, на истото место, и рече дека не жали што е поднесена жалбата.

Scroll to Top