Шефот на Мерцедес, Тото Волф во интервју за холандскиот весник „Де Телеграф“ објасни дека не го обвинува Макс Ферстапен за контроверзниот финиш на сезоната 2021 година, и дека за тоа има само еден виновник – поранешниот директор на трки на Ф1, Мајкл Маси.
На последната трка во Абу Даби, Маси ја направи клучната одлука во последните кругови да ги пушти возачите кои беа меѓу Луис Хамилтон и Ферстапен да го поминат безбедносното возило, за потоа Ферстапен во последниот круг да го помине Хамилтон и да ја освои титулата. ФИА оцени дека Маси направил „човечка грешка“ и го отстрани од позицијата.
„Таа сезона заврши катастрофално за нас. Но, на крајот за тоа беше виновен само еден човек. Толку е едноставно, нема никакви аговори. Посакував тогашниот претседател на ФИА Жан Тод да беше вклучен, наместо да снимаше документарен филм. Тогаш можеби ќе ги потсетеше стјуардите дека треба внимателно да ги читаат правилата. Не знам. Но, еден човек го одлучи тоа. Сега сум помирен со тоа“, вели Волф.
Тој исто така вели дека не жали за тоа што во 2014 година решил да не го донесе Ферстапен во Мерцедес.
„Дали Макс и Луис ќе функционираа во ист тим? Можеби не. Сепак, заклучокот е дека Макс направи добра одлука што ги избр Ред бул. Без разлика дали се работи за Макс, Луис, Михаел Шумахер или Аиртон Сена, тоа се возачи со вистинска разлика пред конкуренцијата. Ми се допаѓаат такви луѓе, тешки луѓе, бидејќи тие се поамбициозни и попосветени“, објаснува Волф.