Top Sport

WRC го повлече бројот 43

Раководството на Светскиот рели шампионат (WRC) донесе одлука да го повлече бројот 43 од следната сезона, во знак на почит кон неодамна починатиот американски возач Кен Блок.

Легендарниот возач загина во несреќа со моторни санки во Јута на 3. јануари, а веста го шокираше светот на мотоспортот.

Блок, кој почина на 56. годишна возраст, го носеше бројот 43 во текот на неговата кариера, во која имаше 25 стартови во WRC.

Претходната година, Блок беше блиску до освојување на титулата во рели шампионатот на САД, со четири вкупни победи и 65 етапни победи, но титулата ја освои Брендон Семенук.

„Со оглед на огромниот придонес што нашиот драг пријател Кен Блок го даде во мотоспортот, сосема е соодветно што неговиот број нема да биде во употреба за претстојната сезона. Тоа е само мал гест, но се надеваме дека ќе донесе барем малку утеха на семејството и пријателите на Кен. Кен беше вистинска легенда, а вистинските легенди живеат вечно“, рече Мухамед Бен Сулајем, претседател на ФИА и поранешен рели возач.

Следната WRC сезона започнува на 19. јануари во Монте Карло, а минатогодишен шампион е финскиот Кале Рованпера.

Scroll to Top