Top Sport

Заубер ги покажа Алфа-боите и ги потврди Леклер и Ериксон

Заубер го откри концептот на болидот за 2018, со значително место за новото партнерство со Алфа Ромео на посебна церемонија во Милано.

Болидот на Заубер следната година ќе биде црвено-бел со големо лого на Алфа Ромео на покривката за моторот. Алфа се враќа во Ф1 првпат откако беше фабрички тим од 1979 до 1985 година, а потоа моторспорт програмата беше ограничена на туринг-автомобилите во 1990-тите и раните 2000-ти.

Претседателот на Ферари, Серџо Маркионе пак, потврди дека Маркус Ериксон и Шарл Леклер ќе бидат возачи на Заубер следната година. Ериксон беше во „битка“ со Антонио Џовинаци за второто место во Заубер, тим кој следната година ќе има силно партнерство со Ферари преку брендот Алфа Ромео.

Иако идејата за Алфа Ромео во Ф1 беше план на Маркионе за да се „тестираат“ младите таленти на Ферари, врските на Ериксон со новите сопственици на Заубер значеа дека Швеѓанецот останува со нив уште една година.

Маркионе потврди дека планирал Џовинаци по Ф2 титулата да добие шанса во Формула 1, но засега во 2018 ќе биде само трет возач на Заубер.

Заубер имаше целосна трансформација оваа година, откако поранешната шефица Мониша Калтенборн замина од тимот и на нејзино место дојде Фредерик Васер, кој го раскина договорот за снабдување со мотори со Хонда и дојде до зближување со Ферари.

Scroll to Top