Жоу Гуанју ќе стане првиот Кинез во Формула 1, откако Алфа Ромео потврдија дека тој ќе биде партнер на Валтери Ботас следната сезона, комплетирајќи го составот на сите тимови за 2022.
22-годишниот Жоу ќе го замени Италијанецот Антонио Џовинаци, кој останува без место во Ф1, додека Валтери Ботас ќе го замени Кими Раиконен, кој на крајот на сезоната заминува во пензија. Жоу ќе биде првиот Кинез во спортот, откако неговиот сонародник Ма Кингхуа беше единствениот Кинез кој возел Ф1 болид учествувајќи во пет тренинг-сесии во 2012 и 2013 за тимовите на ХРТ и Катерхам.
„Од моето детство сонував да возам во Формула 1 и сега тој сон се остварува. Ова е голем момент во кинеската моторспорт историја и знам дека од мене ќе се очекува многу“, вели Жоу.
Жоу во моментов настапува во Ф2 шампионатот, каде што е втор во генерален пласман, со 36 поени зад Оскар Пјастри со две трки до крајот на сезоната. Жоу, кој е роден во Шангај, почнал со картинг на 8 години, по што возеше три сезони во Европската Ф3 серија, а сега трета година вози во Ф2 шампионатот. Тој беше дел од академијата на Ферари од 2014 до 2018 година.