Холандскиот судија Бјорн Кујперс ќе биде главниот делител на правдата на финалето на ЕУРО 2020 што во недела ќе се игра на „Вембли“ во Лондон.
Мечот меѓу Италија и Англија ќе биде прво репрезентативно финале за искусниот делител на правдата кој на некој начин ќе треба да го „обели образот“ на својот сонародник – судијата Дани Макели кој на синоќешното полуфинале меѓу Англија и Данска имаше неколку одлуки кои наидоа на серија критики.
Инаку, Кујперс досега во кариерата ја делеше правдата на финалето во ЛШ во 2014 година, но и во ЛЕ во 2013, односно во 2018 година.
На ова ЕП судеше на три натпревари, од кои две беа во групната фаза (Белгија – Данска 2-1 и Шпанија – Словачка 5-0). Го предводеше и мечот од четвртфиналето меѓу Данска и Чешка (2-1).
Покрај неговите стандардни помошници, четврти судија на финалето ќе биде Шпанецот, Карлос дел Серо Гранде, а додека ВАР судија ќе биде Бастијан Данкерт од Германија.