Top Sport

Навивач падна од трибина на „Вембли“ – во тешка состојба пренесен во болница

На почетокот на мечот меѓу Англија и Хрватска еден навивач на „Гордиот албион“ паднал од трибините на „Вембли“ и во тешка состојба е однесен во болница, потврди гласноговорникот на стадионот во Лондон.

„Можеме да потврдиме дека гледач падна од трибината непосредно по почетокот на мечот меѓу Англија и Хрватска на стадионот „Вембли“. На гледачот му е укажана медицинска помош на лице место, а потоа во тешка состојба е префрлен во болница“ порачаа од стадионот.

Засега нема дополнителни информации, ниту за идентитетот, но најверојатно се работи за англиски фан затоа што 90% од продадените карти беа за домашна публика.

Сведоците раскажале како се случило сето тоа, како фанот паднал од повисокото на пониското ниво на стадионот.

„Видовме како неговите нозе ја поминаа бариерата, а потоа падна и удри на земја“ вели еден од навивачите.

Мечот го следеа 22.500 фанови, од кои речиси 22.000 домашни. Поради Ковид протоколите мал број хрватски фанови допатуваа во Лондон.

Scroll to Top