Англискиот селектор, Герет Саутгејт смета дека најважно е неговите фудбалери да не подлегнат на емоции и на еуфорија пред утрешното финале на ЕУРО 2020 против Италија на „Вембли“.
Англија нема освоено ЕП во својата богата историја, а има само еден голем успех кога се работи за Мундијалите – имаат трофеј од 1966 година.
Од друга страна, селекцијата на Италија предводена од Роберто Манчини нема пораз на последните 33 меча.
„Клучно ќе е да се постигне своето нормално ниво. Целата работа е она што се применува на тренинг, да се вклучи на натпреварот. Го почитуваме противникот, италијанските играчи се фантастични, имаат добар тактички план, имаат искусен тренер и се во неверојатна серија. Но, и ние имаме свои адути“ вели Саутгејт.
Признава дека размислувал за шампионскиот трофеј, но вели дека од витално значење е неговите играчи плановите за прослава да ги исфрлат од умот.
„Во позадината на својот ум секогаш морате да имате малку визија за тоа како би сакале да го видите крајот и тоа да го одиграте. Стварноста е дека морате да се сконцентрирате на процесите и да се фокусирате на изведбата, тоа е она што отсекогаш го работиме со екипата. Ако почнете да размислувате за крајот, веројатно ќе одите во погрешна насока. Се ќе се види утре, ние сме во финалето и тука сме за да победиме. Задоволни сме што создаваме сериозно наследство, но сега сакаме да го донесеме дома тој трофеј “ вели англискиот селектор кој потенцираше дека како знак на поддршка добиле писмо од Кралицата Елизабета втора.