Првиот ден од третото коло во Лигата на шампионите ги носи дуелите во Е-Х половината. Дерби средбите се играат во Манчестер, каде што Сити ќе го пречека Наполи, и во Мадрид каде што на Реал му гостува Тотенхем.
Три од четирите екипи (Ливерпул, Спартак, Марибор) во Е групата ќе се обидат да стигнат до премиерна победа во Лигата на шампионите. Севилја, која ја предводи групата ќе гостува во Москва кај Спартак со цел да освои најмалку бод и да ја задржи челната позиција, додека Ливерпул првиот триумф во сезоната ќе го бара во Марибор, кај истоимената екипа.
Група Е:
Марибор-Ливерпул
Спартак Москва-Севилја
Табела: Севилја 4, Ливерпул 2, Спартак 2, Марибор 1
Дербито на вечерта е во Манчестер, каде што ќе се сретнат Сити и Наполи, тимови кои веројатно во овој момент се наоѓаат во најдобра форма во Европа. Во сенка на овој меч ќе мине пресметката во Ротердам помеѓу Феенорд и Шахтјор.
Сити во саботата го декласира Стоук со 7:2 и се зацврсти на челната позиција во Премиер лигата.
„Ќе им покажам на моите играчи колку е добар нашиот противник. Тоа го направив пред дуелот со Шахтјор. Овие два тима играат слично, само што Наполи негува поофанзивен стил. Нападот е најдобра одбрана“, порачал менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.
Наполи е лидер во Серија А со максимален ефект од осум победи. Во саботата Наполи во дербито на колото ја победи Рома во Рим.
„Неверојатно е чувството во Рим да се забележат две победи во еден месец (Наполи претходно го победи и Лацио), но сега нашиот фокус е на Лигата на шампионите. Ние сме на почеток на нашата приказна…Играме против Сити, еден од најсилните тимови во Европа“, рекол капитенот на Наполи, Мерек Хамшик.
Група Ф:
Манчестер Сити-Наполи
Феенорд-Шахтјор
Табела: Манчестер Сити 6, Шахтјор 3, Наполи 3, Феенорд 0
Третото коло е веројатно клучно за минатосезонскиот полуфиналист Монако дали и оваа сезона ќе игра во нокаут рундата. Монако има еден бод по првите две кола, а вечерва ќе го пречека лидерот во групата Бешикташ. Порто, во оваа група, гостува кај дебитантот Лајпциг.
Група Г:
Монако-Бешикташ
Лајпциг-Порто
Табела: Бешикташ 6, Порто 3, Лајпциг 1, Монако 1
Реал по лошиот старт во новата сезона полека влегува во ритам, а вистински тест за можностите на тимот кој го предводи Зинедин Зидан е гостувањето на Тотенхем. Мечот е интересен и поради Герет Бејл, кој од Тотенхем пристигна во Реал, но неговиот настап е под знак прашалник бидејќи веќе две недели се мачи со повредата.
Тотенхем на овој меч ќе биде без двајца важни играчи, левиот бек Дени Роуз, кој е повреден, и Деле Али, кој е суспендиран.
„Кејн е клучниот играч на Тотенхем, многу е добар во сите сегменти, а најважно е што секогаш размислува како да постигне гол. Тој е комплетен играч, иако не изгледа така, но секогаш се појавува онаму каде што е потребно“, рекол тренерот на Реал, Зидан.
Група Х:
Реал Мадрид-Тотенхем
АПОЕЛ-Борусија-Дортмунд
Табела: Тотенхем 6, Реал 6, Борусија 0, АПОЕЛ 0
Натпреварите ќе почнат во стандардниот термин од 20:45 часот. н.ц.