Жозе Мурињо се согласил да стане менаџер на Ливерпул во 2004 година како замена за Французинот Жерар Улие, но газдата на Челси, Роман Абрамович едноставно понудил многу повеќе пари за португалскиот стручкањ, открива новата книга на францускиот новинар Никола Вила со наслов „Мурињо – зад специјалниот, од почетокот до славата“.
Во април 2004 година, кога неговиот Порто го играл четврт-финалето од Лигата на шампионите против Лион, Жорге Бајдек,тогашниот советник на Мурињо имал состанок со првите луѓе на Ливерпул.
„Мурињо требаше да заврши во Ливерпул. Рик Пери, тогашниот директор на Ливерпул беше одговорен за трансферите и имавме договор. Побараа од нас да почекаме 15 дена бидејќи Улие уште беше тренер“, открива Бајдек.
Сепак, агентот на Мурињо, Жорге Мендеш успеал да дојде со многу подобра понуда од Челси, и Мурињо се сретнал со Абрамович првпат пред полуфиналето од ЛШ против Депортиво Ла Коруња на почетокот на мај, а конечниот договор паднал на јахтата на рускиот милијардер во Монако еден ден откако Порто ја освои титулата од Лигата на шампионите.