Top Sport

20 години од „подарокот“ од небо за Лацио и „потопот“ на Јуве во Перуџа (Видео)

На 14 мај 2000, Лацио стигна до својата втора титула во историјата на римскиот клуб, прва по 26 години на еден речиси невозможен начин кога Серија А беше на врвот на својата популарност, но и можеби на својот квалитет.

На крај на март таа година, Јувентус на Карло Анчелоти имаше 9 поени предност пред Лацио на осум кола пред крајот, но потоа загубија од Милан, дома од Лацио и од Верона, за ситуацијата да биде сосема израмнета во финишот на сезоната.

Сепак, пред последното 34. коло, Јуве беа први со 71 поен, додека Лацио беа втори со два поени помалку. Јувентус требаше да гостува кај Перуџа, додека Лацио на „Олимпико“ ја пречека Реџина.

Додека Лацио стигна до лесна 3:0 победа над Реџина, мечот Перуџа-Јувентус стана легендарен, но и контроверзен. На стартот на мечот на „Ренато Кури“ во Перуџа, беше сончево и без облаци, но на полувреме почна да врне силен дожд и град. Откак „потопот“ го наполни теренот со вода, судијата Пјерлуиџи Колина мораше да го одложи стартот на второто полувреме за 82 минути.

Кога, полувремето, конечно започна, по само четири минути Алесандро Калори, инаку дефанзивец, успеа да ја смири топката на гради и го совлада Едвин ван дер Сар.

Во Рим, победата на Лацио беше помогната со два гола од пенал – првиот го постигна Симоне Инзаги, сегашниот тренер на клубот, а вториот беше дело на Хуан Себастијан Верон. Диего Симеоне го запечати мечот, а свој последен меч во кариерата имаше Роберто Манчини, сегашниот италијански селектор.

Судбината пак се поигра со Јуве – во 1976 година „бјанконерите“ ја загубија титулата во последното коло со 1:0 пораз на гости кај Перуџа, со што Торино стана шампион. Стрелец на мечот? Ренато Кури, трагичниот лик на италијанскиот фудбал, по кој подоцна беше именуван стадионот во Перуџа. Кури ќе го загуби животот во 1977 година од срцев напад, иронично, на меч против Јувентус.

Scroll to Top