Лудата премиерлигашка недела која започна со 0:3 победа на Вест хем кај непоразените Лестер, и продолжи со шокантната 1:6 победа на Тотенхем на гости кај Манчестер јунајтед, заврши со можеби најспектакуларниот резултат можен – Астон вила, клубот кој лани едвај опстана во ПЛ во последното коло, со апсолутно неверојатни 7:2 го победи англискиот шампион, Ливерпул.
Дека ова нема да биде обичен меч од Премиер лигата, стана јасно уште на почетокот на мечот. Во четвртата минута, голманот на Ливерпул, Адријано направи катастрофална грешка и му ја даде топката на Џек Грилиш, кој го најде Воткинс за 1:0. Во 22. минута, Грилиш повторно му асистираше на Воткинс, кој сега постигна фантастичен гол. Откако Мо Салах намали на 2:1 во 33. минута најавувајќи враќање на „црвените“, следуваа уште два гола – ударот на Мекгин заврши во ногата на Виргил ван Дајк и во голот, пред Воткинс да го комплетира хет-трикот во 39. минута.
Ако се веруваше дека Ливерпул може да направи пресврт во второто полувреме, надежите беа бргу згаснати – во 55. минута Џек Грилиш повторно имаше асистенција, овојпат до новото засилување за Вила, Рос Баркли за 5:1, пред Салах со својот втор гол да намали на 5:2 во 60-тата минута.
Шлаг на тортата стави токму Грилиш, кој даде уште два гола во 66. и 75. минута за целосен „потоп“ на тимот на Јирген Клоп.