Top Sport

Реал ја стокми листата на потенцијални засилувања

Оперативците на старо-новиот европски првак, Реал Мадрид, ја стокмиле листата на потенцијални засилувања во летниот преоден рок. Според „Марка“, првиот оперативец Хосе Ангел Санчез и водачот на службата за скаутинг, Жуни Халафат, дефинирале пет потенцијални трансфер цели.

Реал, иако ја освои титулата во Лигата на шампионите, ќе тргне во реконструкција на тимот, бидејќи имаше лоша сезона во Шпанија. Првенството го заврши на третата позиција, а во Купот беше елиминиран во четврт-финалето.

Исто така, весникот потенцира дека на тимот му е потребна „свежа крв“ бидејќи Кристијано Роналдо има 33 години, а Модриќ толку ќе наполни на почетокот на новата сезона.

„Марка“, пишва дека Реал и ова лето нема да троши многу пари, исклучок би бил направен само доколку клубот ги обезбеди услугите на Нејмар.

Покрај Нејмар, клубот таргетирал уште четворица играчи за различни позиции во тимот.

И ова лето актуелна ќе биде голманската позиција, иако Кејлор Навас и во финалето против Ливерпул покажа дека го заслужува тоа место.

Желба на Реал е Алисон Бекер од Рома (25). За Бразилецот, Реал би издвоил многу помалку пари отколку за Давид Де Хеа. Проценките се дека цената на Алисон изнесува околу 50 милиони евра.

За услугите на Бразилецот конкурент на Реал ќе му биде Ливерпул. Англиските медиуми пишуваат дека Ливерпул за голманот ќе понуди 60 милиони евра.

Реал во преодниот рок ќе донесе и играч на десната бековска позиција. Алтернатива за Дани Карвахал треба да биде Алваро Одриозола (22) од Реал Сосиедад. Во Шпанија сметаат дека овој трансфер веќе е заклучен и дека Реал за десниот бек ќе плати 40 милиони евра.

„Кралскиот клуб“ има намера да ја засили конкуренцијата и во централниот дефанзивен ред. Мета е играчот на градскиот ривал, Хосе Марија Хименез (23). Откупната клаузула на Хименез изнесува 65 милиони евра, но познавачите на приликите во Шпанија коментираат дека пречка за овој трансфер е фактот дека Уругваецот е играч на градскиот ривал.

Наводно Зидан бил исклучително задоволен од карактерот и играчките квалитети на Хименез.

Доколку не успе со Хименез, тогаш Реал ќе се обиде со Милан Шкриниар од Интер или Алесио Ромањоли од Милан. Цената и на првиот и на вториот се движи околу 60 милиони евра.

Во нападот, Реал планира да го врати Маријано Дијаз кој одигра одлична сезона во Олимпик Лион. Маријано треба да биде алтернатива за стандардните напѓачи, а би дошол на местото на Борха Мајорал, кој најави заминување.

Scroll to Top