Top Sport

Потегот на Рамос е забранет во џудото

Три дена по завршувањето на финалето во Лигата на шампионите, веќе никој не говори за самиот натпревар, но не престануваат коментарите околу фаулот со кој Серхио Рамос го исфрли од натпреварот Мохамед Салах.

Реал, во саботата во Киев, го победи Ливерпул 3-1 и ја одбрани титулата во Лигата на шампионите.

Ливерпул, причината за поразот, покрај катастрофалните грешки на својот голман, ќе бара и во повредата на најдобриот играч Салах.

Репрезентативецот на Египет одигра половина час пред да побара замена. Тој го повреди рамото во еден дуел со Серхио Рамос.

По мечот, најчести коментари беа дека Рамос имал намера да го повреди Салах. Организарана е петиција, која веќе ја потпишале преку 220.000 луѓе, со која се бара од УЕФА да го казни капитенот на Реал, а еден адвокат од Египет најави дека ќе го тужи Рамос.

„Шлаг на тортата“ е и соопштението со кое се огласи Европската џудо федерација. На Твитер профилот на оваа организација е поставена фотографија на која се гледа како Рамос го влече Салах со објаснување дека ваки-гатаме (термин во џудото за ваков потег) е опасна техника и дека како таква е забрането во џудото.

„Забранет е во џудото, но е доволно добро да донесе титула во Лигата на шампионите“, стои во коментарот на Европската џудо федерација.

Scroll to Top