Синиша Михајловиќ почина на 53. годишна возраст. Легендарниот фудбалер ја загуби битката со тешката болест.
Михајловиќ е роден на 20. февруари 1969 година во Вуковар. Израснал во локалното Борово, каде што ја започнал кариерата во 1986 година.
Две години подоцна се пресели во Нови Сад во Војводина, а во 1990 година пристигна во Црвена звезда со која стана европски и светски првак.
По две сезони минати во „Маракана“, тој се пресели во Италија, каде го стекна статусот на еден од најдобрите дефанзивци во Серија А во дресот на Рома, Сампдорија, Лацио и Интер.
Беше специјалист за слободни удари и пенали, а важи за еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во историјата на фудбалот.
Тој го дели рекордот со Андреа Пирло за најмногу постигнати голови од слободен удар во историјата на Серија А – 28.
Со Лацио и Интер беше шампион на Италија, а со римскиот клуб го освои и Купот на победниците на куповите и Суперкупот на УЕФА.
Прогласен е за најдобар фудбалер на Југославија во 1999 година.
За репрезентацијата одигра 63 натпревари и постигна десет гола.
Како тренер ги водеше Болоња, Катанија, Фиорентина, Сампдороја, Милан, Торино, Спортинг и на крајот Болоња. Беше и селектор на Србија, а во 2019 година доби и признание за тренер на сезоната во Србија.