Top Sport

Абрахам ќе го смени репрезентативниот дрес?

Теми Абрахам, младиот напаѓач на Челси, од почетокот на сезоната игра во голема форма. Со четири гола во првите четири кола тој е најдобриот стрелец во тимот на менаџерот Френк Лампард.

Абрахам минатата сезона ја мина во Астон Вила на позајмица и му помогна тимот од Бирмингем да се врати во Премиер лигата. Поради забраната за трансфери што ФИФА му ја изрече на Челси, Абрахам беше вратен на „Стенфорд Бриџ“. Шансата то у се укажа максимално ја искористи.

Абрахам ги има минато сите помлади категории во англиската репрезентација, а има и два настапи за сениорскиот тим во пријателски натпревари. Тоа значи дека тој се уште може да го смени националниот дрес.

Некои медиуми тврдат дека претставници на Нигерија биле во Лондон со цел да го убедат 21 годишникот да ја прифати понудата да игра за државата во која е роден неговиот татко.

„Нема да се откажеме од намерите најдобрите да играат за нашата земја. Ни беше кажано дека треба да почекаме до април 2020 година кога тој ќе донесе конечна одлука. Му кажав дека има повеќе шанси редовно да игра за Нигерија отколку за Англија. Сега тој треба да реши“, рекол претседателот на Фудбалскиот сојуз на Нигерија, Амају Пиник.

Во една ваква ситуација на Англичаните не им е сеедно бидејќи се свесни дека Абрахам, поради големата конкуренција во нападот на репрезентацијата, би можел да ја прифати понудата од земјата на неговиот татко.

Scroll to Top