Top Sport

Абрамович со тужба за тврдењата дека го купил Челси по наредба на Путин

Газдата на Челси, Роман Абрамович поднесе тужба за клевета против издавачот „Харпер Колинс“ за книгата „Луѓето на Путин“, во која се изнесуваат „многу неточни информации“ околу рускиот бизнисмен.

Во книгата на авторката Кетрин Белтон има тврдење на Сергеј Пугачев дека Абрамович го купил Челси во 2003 година од Кен Бејтс по лична наредба на рускиот претседател Владимир Путин. 54-годишниот Абрамович бара задоволување на суд.

„Денеска моите претставници започнаа легална процедура во Англија за книга која беше објавена во Обединетото Кралство во која има лажни и штетни изјави за мене и за моите активности со Челси. Никогаш не сум имал желба да градам јавен профил и досега сум избегнувал коментари, но ова има штетно дејство не само на мене, туку и на Челси“, се вели во објавата на Абрамович, објавена на веб-сајтот на Челси.

Рускиот милијардер Пугачев уште во 2018 година пред Врховниот суд во Лондон изјави дека лично Путин го наредил купувањето на Челси, но го загуби овој случај.

Абрамович исто така се „жали“ на изјавата на покојниот руски олигарх Борис Березовски, кој тврдеше дека Абрамович ги застрашувал своите поранешни партнери да му ги продадат акциите во нафтната компанија „Сибнефт“. Абрамович во 2012 го тужеше Березовски и го доби на британски суд.

Scroll to Top