Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми го продолжи договорот со Динамо Загреб, останувајќи му верен на клубот кој беше зад него додека тој ја отслужуваше допинг-суспензијата.
27-годишниот капитен на „модрите“ потпиша петгодишен договор со клубот и покрај интересот на повеќе европски клубови, како францускиот Лил.
„Пресреќен сум што го потпишав овој договор, кој уште еднаш покажува колку е голема љубовта меѓу клубот и мене. Во ниту еден момент не се двоумев, бидејќи Динамо беше клубот кој застана зад мене кога беше најтешко. Сакам повторно да играме во Лигата на шампионите и да освојуваме титули. Сакаме зимата да ја поминеме во Европа, бидејќи тоа уште не сме го направиле. Го сакам овој клуб“, изјави Адеми.
Претседателот на Динамо, Мирко Баришиќ вели дека постоеле повеќе понуди за Адеми.
„Ќе ја издвојам најсериозната, од францускиот Лил“, изјави Баришиќ.