Аријан Адеми, фудбалер на Динамо Загреб и фудбалската репрезентација на Македонија, повторно игра фудбал и тоа е најважното во целата афера околу неговото наводно користење недозволени супстанци.
За потсетување, 26-годишниот Адеми, по победата на Динамо над Арсенал во 1.коло во Лигата на шампионите, во 2015 година падна на допинг-тестот, поради што подоцна УЕФА му изрече четиригодишна суспензија.
Адеми ја обжали одлуката на УЕФА, казната му беше намалена и по две години му се врати на фудбалот. Минатиот месец играше и за репрезентацијата и во својот прв натпревар по враќањето постигна гол против Лихтенштајн.
За сè што минал во најтешкиот период во кариерата тој говори во емисијата „Синиот кварт“, која неговиот клуб Динамо Загреб ја емитува на својот официјален канал на „Јутјуб“.
„Се сеќавам дека бев на подготовки со репрезентацијата, лежев во собата кога ми рекоа дека итно ме бараат селекторот и претседателот на Сојузот. Не можев ниту да сонувам дека се работи за лоша вест. Тоа беше период кога сè ми одеше од рака и мислев дека се работи за некој трансфер или некоја понуда. Кога ми кажаа дека сум паднал на допинг-контролата, не можев да поверувам и воопшто не знаев што значи тоа“, рекол Адеми.
„Признавам дека имам трауми по сè што се случи. Се сомневав во сè. Во семејството, пријателите…Мислев дека некој намерно ми подметнал. Поради тоа сега се плашам од сè. Кога нарачувам кока-кола во кафе-бар барам да ја донесат пред мене и тука да ја отворат. Можеби малку сум преоптоварен, но се надевам дека ќе помине со време“, дополнил Адеми.
Македонскиот репрезентативец рекол дека најтешко му било да се пројави пред семејството и пријателите, во тие две години колку што ја докажуваше својата невиност.
Додека бил под суспензија не престанал да спортува, како што вели „играв тенис и по шест-седум часа во денот“, а тренирал и кик-бокс.