Најдобриот стрелец во историјата на Манчестер сити, Серхио Агуеро вели дека на Ерлинг Халанд ќе му биде потребно време да се навикне на англискиот фудбал, по неимпресивното деби во Комјунити шилд мечот против Ливерпул.
22-годишниот Норвежанец пристигна во тимот на Пеп Гвардиола со огромна репутација како напаѓач на Борусија Дортмунд, но се мачеше при 3:1 поразот од Ливерпул, за во финишот на мечот да ја погоди пречката од неколку метри. Агуеро, кој постигна 259 гола во 388 меча за Сити, вели дека Халанд е „навикнат на Германија“ и дека се мачел против Виргил ван Дајк од Ливерпул.
„Тој е премногу навикнат на германскиот фудбал. Халанд мислеше дека е сам, а потоа Ван Дајк дојде и му кажа: ‘Добредојде во Премиерлигата’“, вели Агуеро на сопствениот Твич канал.
Агуеро исто така е изненаден што Сити решија да го продадат Рахим Стерлинг, со кого играше шест сезони на „Етихад“.
„Не ја сфаќам продажбата на Стеринг. Но, понекогаш во Сити носат чудни одлуки“, додава Агуеро.