Top Sport

Агуеро признава: Фудбалерите се плашат за своите најблиски

Рекордниот голгетер на Манчестер сити, Серхио Агуеро признава дека фудбалерите се плашат да се вратат на спортот поради ризиците за нивните семејства откако Премиер лигата продолжи со „Проектот рестарт“ за враќање пред празни трибини.

Утре, англиските клубови ќе имаат состанок на кој ќе се разгледуваат опциите за продолжување на шампионатот, со 8 јуни како „мета“ за почеток на фудбалските активности. И покрај поддршката за овој план од лигата и од владата, дел од фудбалерите и фудбалските експерти сметаат дека се работи за преголем ризик. Гери Невил се запраша „колку луѓе треба да умрат играјќи фудбал“, додека напаѓачот на Брајтон, Глен Мареј вели дека не е реално да се очекува да има безбедност за фудбалерите. Агуеро се согласува.

„Мнозинството од фудбалерите се исплашени бидејќи имаат семејства, имаат деца, бебиња, родители. Кога ќе се вратиме, ќе биде многу тензично, ќе мора да се внимава многу и кога некој ќе се разболи ќе се прашуваме што се случило. Се надевам дека ќе дојдеме до вакцина и ова ќе се реши. Мене ме плаши ситуацијата, но јас сум тука само со мојата девојка и немам контакт со други луѓе“, вели Агуеро за „Дејли мејл“.

Агуеро остана во Манчестер за време на карантинот, но дел од фудбалерите се вратија во своите татковини. Челси веќе ги повика своите „странци“ да се враќаат во Британија.

„Велат дека има луѓе кои немаат симптоми и можат да те заразат. Затоа останав дома. Можеш да си инфициран, а да него знаеш тоа. Пред 15 дена ни кажаа да се вратиме на тренинзи на 4 мај. Сега има нов состанок. Ќе биде тешко да се игра Лига на шампиони во август“, додава Агуеро.

Scroll to Top