Ајакс ја одбиле првата понуда која за левиот бек Николас Таљафико ја испратиле од Атлетико Мадрид. Клубот од „Ванда Метрополитано“ за аргентинскиот репрезентативец понудил 14 милиони евра.
Таљафико, во јануари 2018 година за сума од четири милиони евра, пристигна во Ајакс од Индепендиенте. 26-годишникот беше стандарден в репрезентацијата на Аргетина на Светското првенство во Русија, каде „гаучосите“ беа елиминирани во осмина-финалето од Франција (2:4).
Тој неодамна одбил да попише нов договор со Ајакс, што е јасен сигнал дека е подготвен за трансфер во друг клуб.
Атлетико се подготвува за реконструкција на одбраната. Тренерот Диего Симеоне ќе остане без двајцата играчи што ја покриваат позицијата лев бек. Лукас Ернандез за рекордна сума од 80 милиони евра замина во Баерн Минхен, додека 33- годишниот Фелипе Луис нема да добие нов договор.
Изборот на Симеоне е сонародникот Таљафико, но понудената сума не ги задоволува апетитите на клубот и менаџерот на фудбалерот.
„Доставија понуда, ние не ја прифативме, сметаме дека сега е вистинскиот момент да направи исчекор во кариерата. Ќе видиме што ќе се случува на пазарот. Се уште не сме разговарале за цифрата, но Ајакс секако ќе бараат значителна сума на пари. Претпоставувам повеќе од 20 милиони евра“, рекол менаџерот на фудбалерот, Рикардо Шпилер.
Шпекулациите се дека Ајакс ќе прифатат сума помеѓу 22 и 25 милиони евра, што за Атлетико нема да претставува никаков проблем.
Покрај Атлетико, интерес за Таљафико наводно покажале Барселона и Арсенал.