Српско-хрватската напаѓачка линија на Ајнтрахт Франкфурт повторно беше во „елемент“, откако Лука Јовиќ и Анте Ребиќ постигнаа голови за „орлите“ да стигнат до 3:0 победа над Хановер за прекинување на низата од четири ремија едноподруго.
Отпорот на домаќините беше „скршен“ во 54. минута, кога српската сензација Јовиќ го пронајде Хрватот Ребиќ во шестнаесетникот, а тој немаше милост за голманот. Во 63. минута, Јовиќ се запиша во листата на стрелците со лесен гол со глава по асистенција на уште еден српски фудбалер, Филип Костиќ! Костиќ во 90-тата минута ги постави конечните 3:0 на асистенција (погодувате нели?) на Јовиќ!
Не е ниту чудо што српскиот напаѓач е на „радарот“ на Барселона – тој оваа сезона има постигнато 21 гол (15 во Бундеслигата) и 7 асистенции во 31 натпревар за Ајнтрахт и ќе биде тешко германскиот клуб да го заддржи во својот состав доколку дојде скапа понуда.
Франфкурт се на шестото место на табелата со 37 поени, еден помалку од Волфсбург, додека Хановер се претпоследни со 14 поени, четири поени од безбедната зона.