Спортскиот директор на Ајнтрахт од Франкфурт, Фреди Бобиќ, истакнал дека во клубот не пристигнала никаква понуда за Лука Јовиќ.
Бројни се шпекулациите, каде ќе ја продолжи кариерата српскиот репрезентативец, откако Ајнтрахт ќе го откупат неговиот договор од Бенфика.
Наводно најсериозни кандидати за неговиот потпис се шпанските великани Реал и Барселона.
Медиумите шпекулираат дека Јовиќ ги договорил личните услови со Барселона, а дека Реал биле подготвени да понудат повеќе пари за трансферот.
„Немаме никаква понуда, тоа е факт“, рекол Бобиќ за „Скај Спорт“.
Спортскиот директор на Ајнтрахт потврдил дека клубот ќе ја искористи опцијата за да го откупи договорот на Јовиќ од Бенфика.
„Една работа е јасна. Ние ќе ја искористиме можноста да го откупиме неговиот договор, а потоа ќе се обидеме да го натераме да остане кај нас. Тоа е нашата цел.Ќе видиме што ќе биде на крајот. Целата ова приказна ме тера да се смејам“, рекол Бобиќ.
Јовиќ со 14 гола сезонава е најдобар стрелец во Бундес лигата.