Мануел Аканџи (30) одигра важна улога во тимот на Пеп Гвардиола минатата сезона, сепак во финишот на преодниот рок тој замина на позајмица во Интер. Минатата сезона имаше 40 настапи во сите натпреварувања за Манчестер Сити. Иако немаше статус на играч кој секогаш е во почетниот состав, тој остана важен дел од системот на „Граѓаните“.
Ова лето се соочи со ситуација што не ја очекуваше. Пеп Гвардиола нему и на останатите дефанзивци отворено им ги открил плановите.
„Шестмина бевме на позцијата централен дефанзивец. Тој јасно ни даде до знаење, дека двајца ќе играат, двајца ќе бидат на клупата и дека ќе биде тешко за другите. Тоа не беше убаво да се чуе, бидејќи секогаш очекувам да бидам на теренот“, рече Аканџи на прес-конференцијата по пристигнувањето во Милано.
„Сè уште ми е тешко да разберам дека одеднаш повеќе не сум дел од семејството на Сити, иако некако сè уште се чувствувам така. Сè се случи толку брзо, моето семејство и јас се чувствувавме многу удобно во Манчестер и дефинитивно ќе ни недостига животот таму“, призна Аканџи.
Верува дека добрите игри би можеле да го вратат во Сити: „Факт е дека сум на позајмица, па теоретски враќањето е можно“, заклучи тој.