Доколку реши кариерата да ја продолжи во Кина, фудбалерот на Реал Мадрид, Герет Бејл ќе стане најплатен играч во светот. „Мирор“, објави дека Пекинг Гуан му понудиле на Бејл неделна плата од 1,1 милиони евра, што на годишно ниво е речиси 60 милиони евра. Според пресметките доколку ја прифати понудата Велшанецот на час ќе заработува 6.500 евра, односно 156.000 евра дневно.
За Бејл нема место во новиот Реал на Зинедин Зидан. Францускиот тренер, вчера на прес конференција во САД, рекол дека со нетрпение чека Велшанецот да го напушти клубот.
Колку и да е тврдоглав во намерата да остане во Мадрид, по оваа изјава на Зидан, јасно е дека Бејл ги брои своите последни денови на „Сантијаго Бернабеу“. Прашање е само каде ќе замине, во Кина или ќе се врати во Англија, се шпекулира дека Тотенхем и Манчестер Јунајтед се заинтересирани за него.
Доколку ја прифати понудата од Кина, Бејл ќе стане најплатен фудбалер во светот, односно на таа листа че го мине Лионел Меси.
„Мирор“ тврдат дека Пекинг Гуан не се единствените што го сакаат Бејл во своите редови. Наводно, интерес постои и кај Шангај Шенхуа и Џангсу Сунинг.