Претседателот на Пари Сен-Жермен, Насер Ал-Хелаифи одговори на провокациите од Шпанија, влегувајќи во војна на зборови со Реал Мадрид и со Ла лига и нивниот претседател Хавиер Тебас.
Ал-Хелаифи ги обвини Реал Мадрид дека сакаат да ја „убијат“ Лигата на шампиони, за неколку месеци подоцна да ја слават титулата. Реал ја освои 14. европска титула со победата над Ливерпул во финалето во Париз, откако лани беа предводници на Европската Суперлига. Во интервју со „Ла газета дело спорт“, Ал-Хелаифи вели дека Суперлигата ќе беше катастрофа за фудбалот во кои само елитата би можела да се натпреварува.
„Ги респектирам големите клубови. Реал Мадрид ја заслужија титулата од Лигата на шампионите, и ја прославуваа со денови иако сакаа да ја убијат. Сакам да ги гледам Ајакс во полуфиналето, Тотенхем во полуфиналето. Се сеќавам на првите обиди во Европа со ПСЖ, во Салцбург со фановите кои се смрзнуваа. Тоа е душата на фудбалот. Не ни е потребна затворена лига и нема да дозволиме тоа да се случи“, вели Ал-Хелаифи.
Катарецот исто така го нападна и шефот на Ла лига, Хавиер Тебас, кој е долгогодишен критичар на ПСЖ и на огромните пари кои ги внесоа во фудбалот, со што можеа да донесат фудбалери како Нејмар и Лионел Меси. Тебас одлуката Килијан Мбапе да остане во ПСЖ со богат договор ја нарече „навреда за фудбалот“ и најавија тужба пред УЕФА.
„Кој е тој Тебас? Јас не давам лекции некому, ниту се мешан со другите клубови и лиги. Непристојно е да кажуваш на другите што да прават. Не прифаќам лекции за тие кои ги гледаат шампионите како закана за нивните лиги. Јас имам проект кој го градам и ги почитувам сите“, додава Ал-Хелаифи.