Фудбалерот на Барселона, Серхио Бускетс добил понуда од Ал Наср кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија, пренесува „Мундо депортиво“.
Бускетс има договор со Барселона до крајот на сезоната, но тренерот Чави Ернандез инсистира искусниот фудбалер да го продолжи договорот со тимот од Ноу Камп.
Капитенот на Барселона се уште нема донесено конечна одлука, а „Мундо депортиво“ наведува дека челниците на Ал Наср му понудиле на Бускетс двегодишен договор со кој ќе заработува 18 милиони евра по сезона.
„Ал Наср е подготвен и да ја зголеми понудата, бидејќи целта им е да привлечат што повеќе атрактивни фудбалери во лигата пред Саудиска Арабија да се кандидира за домаќин на Светското првенство. Саудиска Арабија сака да го организира Светското првенство во 2030 година со Грција и Египет. Бускетс чека понуда од Барселона пред да почне да размислува за други опции“, заклучува шпанскиот весник.
За Барселона, Бускетс одигра 707 натпревари, постигна 18 гола и освои 31 трофеј.